Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер со пораз (26-35) од францускиот гигант Пари Сен Жермен го заврши настапот во групната фаза од Лигата на шампионите. На крајот, пелистерци остварија ефект од три победи, две нерешени средби и девет порази и завршија на седмата позиција на табелата во групата А.
ПСЖ го потврди квалитетот во Битола, која уште еднаш покажа дека знае да приреди ракометен спектакл со оглед дека до последно место беше исполнета салата „Боро Чурлевски“.

Пари Сен Жермен уште од почетокот навести дека размислува само за победа, а на полувреме изгради предност од пет гола (13-18). Речиси во ист ритам продолжи мечот и во второто полувреме, а разликата стигна до девет гола (26-35).
Филип Кузмановски беше стрелец на седум гола, а Филип Ивиќ имаше девет одбрани во тимот на Еурофарм Пелистер.
Ѕвездата на ПСЖ, Елохим Пранди со осум гола беше најефикасен ракометар на овој дуел.