Еурофарм Пелистер поразен се враќа од гостувањето во Унгарија кај Татабања, во меч од деветтото коло на Европската лига. Битолчани загубија со 25:21 и сега има само теоретски шанси да стигне до првото место во групата.
Играчите на Татабања уште од стартот покажаа дека се решени да победат. Поведоа со 3:1, а потоа во неколку ситуации ја имаа предноста од два гола. Беше 8:6 за домаќините, кога Пелистер со серија од 3:0 за првпат поведе со 9:8. До полувремето, двата тима постигнаа по 11 голови.
На почетокот на вториот дел Пелистер даде два гола и првпат дојде до водство од два гола (13:11), но битолчани тука како да застанаа. Татабања со серија од 3:0 го презеде водството за 14:13, а потоа се играше гол за гол до 18:18, кога домаќините со серија од три гола стигнаа до 21:18. Пелистер намали само на еден гол негатива (21:20), но унгарскиот тим во завршницата одигра многу подобро и не само што победи, туку до крајот стигна и до најголемата предност од четири гола (25:21).
Во вториот меч кој се одигра во исто време, АЕК минмално со 25:24 го победи Спортинг. Португалскиот тим со овој пораз остана на девет бода и на третото место, со еден бод помалку од Пелистер. Лидерот во групата, Ним, на свој терен го пречекува Кадетен Шафхаузен со почеток во 20:45 часот. Ним со победа ќе го обезбеди првото место во групата.