Татран Прешов го совлада Еурофарм Работник во 31-29 во меч од ракометната Лига на шампиони, група Ц, по што битолчани паднаа на последното место на табелата. По шест кола, Е. Работник има само една победа, а од петте порази, четири се со еден гол разлика, нешто што можеше да се случи и денеска ако тимот на тренерот Алушовски дадеше гол во последниот напад.
Серијата од 5-1 која словачкиот тим ја направи после 22-22, се чинеше дека ќе се покаже како одлучувачка, бидејќи на осум и пол минути до крајот, Татран водеше со четири гола разлика. Но, битолчани не се предаваа, дојдоа на еден гол негатива на четири и пол минути до крај. Сепак, во финишот Татран ја задржа предноста и вторпат за две недели славеше против македонскиот претставник.
Остроушко со 7 гола беше најефикасен кај Е. Работник, Јотиќ даде 5, а Ѓукиќ 4 погодоци. Во следното коло, Е. Работник гостува кај Спортинг Лисабон.