Еуроникел забележа значајна победа против ТФТ Скопје со 87:73 и се зацврсти на третото место на табелата во Првата македонска лига.
Кавадарчани направија клучна разлика во третиот период, што го добија со 25:13, откако на полувремето беше нерешено 42:42.
Ветеранот Дарко Соколов, кој е член на генерацијата што со Македонија го освои четвртото место на ЕП во Литванија, се уште игра одлична кошарка и тој го предводеше Еуроникел до важна победа против ТФТ Скопје.
Иако има 35 години, Соколов беше лидер на теренот, постигна 15 поени со 8 скока и пет асистенции и беше втор стрелец во победничкиот тим зад Бранислав Џекиќ со 22 поени и 9 скока.
Одличен меч одигра и Обрад Томиќ со дабл-дабл учинок од 14 поени и 10 скока. Гостите од Скопје имаа поддршка од десеттина свои навивачи во Кавадарци, но немаа сили за победа.
Американците Хортон и Бишоп им беа главни кошгетери со 19, односно 14 поени, а ТФТ Скопје остана на петтата позиција со 39 бода, колку што има и Гостивар на четвртото место.
Пред нив се лидерот Пелистер со 47 бода, МЗТ Скопје со 44, но и со меч помалку и Еуроникел со 41 бод.