Полските фудбалери сезонава во италијанската Серија А заедно постигнаа дури 56 гола, со што се третата најефикасна нација во лигата, после Италијанците што е разбирливо бидејќи домашните се и убедливо најбројни, и Аргентинците кои беа најопасни странци по противничките голови со 91 гол.
За споредба, Бразилците во Италија дадоа 33 гола, што е доста помалку од учинокот на Полјаците.
Полска е следниот противник на Македонија во квалификациите за ЕП 2020, дуелот со нив е закажан за 7 јуни. Ако на овие голови на Полјаците кои играат во Италија, се додадат и тие на Роберт Левандовски од Баерн кој е нивен капитен, јасно е со каква офанзивна моќ располага нашиот противник.
Се разбира, најдобар полски стрелец во Серија А беше Пјонтек кој играјќи за Џенова (13) и Милан (9), даде 22 гола и беше поефикасен и од еден Кристијано Роналдо. Нема да биде само тој опасност по македонскиот гол. Аркадиуш Милик од Наполи даде 17 гола, неговиот клупски колега Пјотр Зјелински даде 6, исто колку и Мариуш Степински од Киево. Карол Линети од Сампдорија постигна три гола.