Еве зошто на Реал му треба нов напаѓач

Карим Бензема нема сериозен ривал за позицијата централен напаѓач во Реал Мадрид, па шпанските новинари пресметаа дека сезонава, Французинот е напаѓач со најголема минутажа во Европа.

Бензема играше на речиси сите мечеви, ги пропушти само реваншите со Мелилја и Леганес во Купот на Шпанија. Во шпанската лига, тој настапи на 28 меча, а и во Лигата на шампионите играше на сите осум пресметки. Кога на сето ова ќе се додадат и европскиот Суперкуп и двата меча од Светското клупско првенство, Бензема сезонава играл на 45 меча, а 44 пати беше стартер. Тоа се 3.598 минути.

Неговата замена, Маријано, или беше повреден или тренерите не веруваа во него, па падот на формата кај Бензема и заморот, придонесоа тој во клучен момент од сезоната да не го дава потребниот придонес во нападот, и Реал веќе во средината на март остана без шанси за трофеј.

Најблиску до Бензема според минутажата е Мохамед Салах со 3.369 минути, Антоан Гриезман има 3.271, а и Лионел Меси и Кристијано Роналдо имаат над 3.000 минути, но се далеку поодморени од Карим кој во просек дава гол на секои 164 минути. Роберт Левандовски во Баерн има просек од гол на секои 75 минути игра, Меси има просек од гол на секои 77 минути, Килијан Мбапе на 88, а Роналдо на секои 126 минути.

- Оглас -

Најнови вести