Динамо Загреб е поим за европски успех во 21 век од клубовите што гравитираат на подрачјето на поранешна Југославија и има блескави резултати во последните 15-тина години.
Поточно, во последните 15 сезони популарните Модри само еднаш не играле во фаза по групи во еврокуповите, и тоа во 2017/18, кога на база на старото правило на УЕФА со гол постигнат повеќе на гости ги елиминира Скендербег од Албанија во плејофот за Лигата на Европа.
Динамо има огромно искуство, па и покрај тоа што не успеа дома да го победи Шкупи и ќе го почне реваншот денеска со резултат 2:2, и во Скопје е фаворит.
Чаирчани никогаш не играле фаза по групи во ниту едно европско натпреварување, а сега имаат шанса ако го елиминираат Динамо.
Во таков случај ќе продолжат во квалификациите за Лигата на шампионите и во третото коло ќе играат најверојатно со Лудогорец, а би биле сигурни учесници во Конференциската лига и со неуспех против бугарскиот тим.
Ако успеат да го минат Лудогорец, кој е апсолутен фаворит против Шемрок по победата дома од 3:0, тогаш Шкупи би дошол на чекор до настап во Лигата на шампионите и би имал сигурно учество во Лигата на Европа.
Досега само еден македонски клуб, Вардар, играл во групна фаза во еврокуповите, а најтрофејниот наш клуб испиша историја во 2017 година, кога играше во група со Реал Сосиедад, Зенит и Розенборг во Лигата на Европа.