Да бев јас тренер на Манчестер ќе имав повеќе победи од Аморим, вели некогашниот тренер на Евертон

Поранешниот менаџер на Евертон, Шон Дајш, изјави дека тој би го предводел Манчестер јунајтед до повеќе победи од Рубен Аморим. Во својата прва сезона на „Олд Трафорд“, Португалецот го предводи тимот до финалето на Лигата на Европа, но во Премиер лигата „Црвените ѓаволи“ се само на 16-тото место, а процентот на победи во личната статистика на Аморим како менаџер на 20-кратните шампиони е само 24 отсто.

„Тој нема да го промени начинот на којшто игра тимот. Подобро да победи на неколку натпревари, и тоа брзо. Мислам дека ако одев таму и тимот играше на мој начин, ќе победувавме на повеќе натпревари. Само со „4-4-2“ за да им ги дадеме на играчите основните правила и принципи. Тој е таму веќе некое време, па затоа подобро е да почне да победува наскоро“, рече Дајш во подкастот Stick to Football.

Малку подоцна, во истиот разговор, поранешниот менаџер на Евертон, Барнли и Ватфорд призна дека отсекогаш сакал да ги води Црвените ѓаволи: „Секогаш бил Манчестер јунајтед, но не затоа што е Манчестер јунајтед, туку поради обемот на клубот, поради величието, особено порано. Знам дека тие минуваат низ тежок период во моментов, но ова е голем и супер силен клуб на глобално ниво“.

Дајш е свесен дека би имал тешкотии да ја исполни својата желба да го води Јунајтед, но предлага друг менаџер кој, според него, би бил совршено прилагоден за задачата: „Мислам дека оваа работа многу добро му одговара на Герет Саутгејт“.

- Оглас -

Најнови вести