Манчестер сити минатата недела го претрпе првиот пораз во Премиер лигата сезонава, во дербито од Челзи (0:2). „Граѓаните“ сега се подготвени повторно да се вратат на победничката патека. Првиот предизвик им е Евертон. Сити игра на свој терен, а во таква ситуација, избраниците на Пеп Гвардиола се фаворити и против многу посилни ривали, а не тим како Евертон.
Дополнителнен плус за домаќините е тоа што на овој меч ќе се вратат Серхио Агуеро и Кевин де Брујне, кои паузираа поради повреди.
„Агуеро ги одработи последните два тренинзи и не чувствува никаква болка. Ист е случајот и со Кевин. Ќе видиме како ќе биде“, рече менаџерот на Манчестер сити, Гвардиола.
Иако Сити е голем фаворит, статистиката во меѓусебните дуели покажува нешто друго. „Карамелите“ на последните две гостувања на „Етихад“ успеаа да останат непоразени, а вкупно на последните девет меѓусебни средби Сити има само три победи, Евертон се радувал два пати, а четири меча завршиле без победник.
Со овој меч во Манчестер, стартува 17 коло во Премиер лигата.