Навивачите на Евертон по неколкунеделни протести се чини дека успеаја да го натераат сопственикот Фахрад Мошири да ги продаде Карамелите.
Според весникот „Гардијан“, Мошири е подготвен да го продаде Евертон на секој што ќе понуди повеќе од 500 милион фунти.
„Во последните неколку месеци, Мошири бараше инвеститори, а сега конечно одлучи да го стави Евертон на продажба. Подготвен е да продаде мал дел од акциите или евентуално целиот пакет на акции. Голем број потенцијални купувачи изразија интерес за преземање на Евертон“, пишува „Гардијан“.
Евертон дури деветпати бил англиски шампион, но последен пат во сезоната 1986-87, а во последните неколку години постојано се бори за опстанок во Премиер лигата и сезонава не е исклучок од тоа.
Карамелите моментно се наоѓаат на претпоследното 19-то место на табелата само со 15 освоени бодови.
Весникот пишува дека Мошири потрошил околу 700 милиони фунти за купување на повеќе од 50 фудбалери, но и дека заработил повеќе од 400 милиони фунти од продажба на играчи.
„Гардијан“ на крајот пишува дека иако има заинтересирани купувачи, одлуката за продажба доаѓа во лошо време бидејќи тренерот Френк Лампард доби отказ, во тек е изградбата на 500 милиони фунти вредниот нов стадион, а загубите во последните три години изнесуваат 372,6 милиони фунти.