Македонскиот пливач на долги патеки, маратонецот Евгениј Поп Ацев, го доживеа како неуспех својот обид да го преплива каналот Ла Манш. Но, и покрај тоа, Евгениј доби силна поддршка.
„Денес пробав да го испливам Каналот Ла Манш и не успеав. Иако последниве години имав проблеми со пливањето и со здравјето сепак се надевав дека ќе соберам сила и ќе можам. Имав голема желба и сила и добро пливав, но ладната вода ме победи т.е. го победи моето тело кое отсекогаш лошо се справувало со ладна вода. Иако разочарувањето е големо и ќе ми треба подолг период да го пребродам овој неуспех сепак сум среќен што пробав и собрав уште едно искуство (макар и лошо) и што ќе можам дома да се вратам жив и здрав. Многу сум благодарен на жена ми Алана, на Капетанот и тимот на бродот за големата помош и за брзата и правилна реакција за да не се случи нешто пострашно. Исто така огромна благодарност до мојата фамилија, блиските и цела Македонија кои отсекогаш ме поддржувале и храбреле поготово во вакви тешки моменти.
Тешки две години беа ова за мене што се однесува на пливањето и мислам дека ова најтешкиот момент, но и можеби најсилен знак. Премногу го сакам овој спорт и тешко ми е да се отргнам од него па некако ги игнорирав сите знаци и совети и повеќе го слушав срцето наместо телото и разумот да продолжам. Имам толку убави спомени, успеси, емоции, искуства и познанства, и тоа се додека ја претставував својата земја на светско ниво. Тоа е најголема чест и задоволство за еден човек и е најголемата убавина на спортот. За тоа ќе сум вечно среќен и задоволен што ја имам доживеано таа убавина без разлика што ќе донесе следниот ден“ – порача Поп Ацев преку социјалните мрежи.