36.7 C
Skopje
вторник, 22 јули 2025

Евролигашката ѕвезда Алекс Абринес објави дека ја завршува кариерата

Шпанскиот кошаркар Алекс Абринес шокираше со својата објава дека ја завршува играчката кариера. Абринес, кој настапуваше за Барселона, има само 31 година (на 1 август ќе наполни 32), можеше да игра уште долго, но одлучи да стави крај.

„Драги фанови, дојде време да затворам една многу важна етапа во мојот живот. По многу години посветени на професионалната кошарка, донесов тешка одлука да се пензионирам. Не беше лесна одлука, но беше добро осмислена. Кошарката ми даде сè. Од моите рани денови на Мајорка, преку Малага, Барселона, моето време во НБА со Оклахома сити тандер и, секако, моето враќање дома во Барселона, живеев сон. Имав привилегија да ја претставувам шпанската репрезентација, нешто што секогаш ќе го носам со огромна гордост. Заминувам со мир во душата, со полно срце и чиста совест. Кошарката ќе продолжи да биде дел од мојот живот, но сега е време да поминувам време со моето семејство и да уживам во нова фаза“, напиша Абринес.

Абринес имаше договор со Барса до 30 јуни 2026 година, но постигнат е договор за раскин. Клубот му се заблагодари на Абринес за кошарката на високо ниво што ја испорача во текот на неговите десет сезони во Палау Блауграна, која секогаш ќе биде негов дом.

Шпанските медиуми објавија дека причини за прераното пензионирање се неговата намалена улога во тимот и желбата да „почне да живее“ надвор од кошаркарските терени.

Неодамна во интервју рече дека е задоволен од својата кариера, иако верува дека можел подобро, а најави дека приватниот живот сега му е поважен. Има две ќерки со кои поради кариерата пропуштил да биде повеќе време заедно и сега сака да го надомести испуштеното и, како што вели, да почне да живее.

 

- Оглас -

Најнови вести