ЦСКА Москва ќе биде противник на Анадолу Ефес во големото финале во Евролигата, откако рускиот гигант го совлада актуелниот шампион Реал Мадрид со конечни 95:90. Армејците успеаја да им се реваншираат на избраниците на Пабло Ласо за поразот во ланското полуфинале, по кое Реал подоцна стигна до 10-тата континентална титула.
Кралевите доминираа речиси цел, имаа контрола врз резултатот повеќе од 30 минути. Најсериозната предност ја направија во средината од третиот период и имаа +14 поени разлика. Меѓутоа, кошаркарите на Итудис не се предадоа, па со сите напори се вратија во игра, а кога беше најпотребно се разигра главниот адут на ЦСКА, Нандо Де Коло.
Французинот прво погоди значајна тројка со која ЦСКА дојде до прво водство во второто полувреме при 87:85, а потоа беше прецизен во два наврати од линијата за слободни фрлања. Љуљ погоди тројка на 15 секунди до крајот и го доведе Реал на половина кош негатива, меѓутоа тоа не беше доволно за пресврт.
Де Коло и Родригес реализираа по 23 поени, а Клајбурн додаде 18 поени. Од редовите на Реал, Козер беше најефикасен со 18 поени, додека 13 поени беа дело на Љуљ.
Финалниот дуел меѓу ЦСКА Москва и Анадолу Ефес е закажан за недела во 20:30 часот, а претходно Фенербахче и Реал Мадрид ќе се надигруваат за третото место.