Македонската фудбалска репрезентација летово за првпат во својата историја ќе учествува на Европското првенство. Нашите Рисови во групата Ц ќе ги одмерат силите со фаворизираната Холандија, Австрија и Украина.
Првите два дуели против Австрија и Украина се закажани за 13 и 17 јуни, кои ќе се играат на Националниот стадион во Букурешт, а потоа следува пат до Амстердам, каде што Лалињата ќе нè пречекаат на „Јохан Кројф арената“ на 21 јуни. Од Скопје до двете дестинации, нашиот национален состав ќе патува вкупно 2.000 километри, што не се споредува со екскурзијата на полската репрезентација.
Имено, Полска најмногу настрада од распределувањето на групите и местата на кои ќе ги играат натпреварите од групната фаза. Полска ќе патува речиси 9.000 километри прво до Санк Петербург, за дуелот против Словачка на 14 јуни, за пет дена подоцна да ѝ гостува на Шпанија во Севилја. Потоа им следува враќање во рускиот град за мечот против Шведска.
Почетокот на ЕП, кој со нетрпение го очекуваме, е предвиден за 11 јуни, по што во наредните 30 дена ќе владее еуфорија на Стариот Континент.