Европска шампионка ѝ замери на легендата на Ливерпул за сексистичката изјава: Како фудбалот е машка игра?

Грем Сунес, познатиот поранешен фудбалер на Ливерпул и сегашен аналитичар на „Скај спортс“ за Премиер лигата, со сексистичка изјава го опиша инцидентот меѓу Томас Тухел и Антонио Конте во вчерашното градско дерби меѓу Челзи и Тотенхем кое заврши со 2-2.

Сунес не бираше зборови при опишување на натпреварот во кој имаше доста контроверзни ситуации, остри стартови и фаули, за на крајот менаџерите на двете екипи да завршат со агресивна размена на зборови.

„Судиите сè почесто дозволуваат остра игра со цел натпреварите да бидат повозбудливи. Многу од нас сме биле дел од спортот, знаеме играчи кои редовно симулираат, а денес воопшто не беше таков случајот. Наеднаш се претвори во игра на мажи, а клинчот на менаџерите е класична ситуација во која „мажите секогаш ќе бидат мажи“, истакна Сунес.

На оваа изјава остро реагираше европската шампионка и фудбалерка на Челзи, Бетани Ингланд, која пред околу еден месец ја освои титулата на Европското првенство за жени со Англија.

„Како тоа фудбалот е машка игра? Срамота е да се даде ваква изјава по историскиот успех кој го остваривме летово“, напиша Ингланд на „Твитер“, алудирајќи на успехот на Лавиците кои го остварија за време на женското ЕП.

Факт е дека машкиот фудбал е далеку попопуларен од женскиот во повеќе аспекти, но изминативе години женскиот фудбал и тоа како се шири планетарно. Доволно говорат поставените рекорди за посетеност на натпревари на кои играа дамите во текот на завршеното ЕП, па затоа изјавата на Сунес е невкусна за јавноста.

- Оглас -

Најнови вести