Арсенал го официјализираше ангажманот на Седрик Соареш од Саутхемптон. Португалскиот репрезентативец во следните шест месеци ќе им биде позајмен на Топчиите, па Ектор Белерин добива силна конкуренција на десната бековска позиција.
Седрик игра во Премиер лигата од 2015 година како член на Светците, за коишто запиша повеќе од 100 настапи, а минатата сезона привремено го носеше и дресот на Интер. Поранешниот фудбалер на Спортинг Лисабон честопати знаеше да биде клучен играч на Саутхемптон, а неговите добри партии на „Сент Мери“ му овозможија да биде дел од селекцијата на Португалија која го освои Европското првенство во 2016 година.
Инаку, на Соареш му истекува договорот со Саутхемптон по крајот на оваа сезона, па ако добро се покаже кај Микел Артета, може да добие и постојан договор за да остане во северниот дел на Лондон.