Скопје во следните седум дена ќе биде центарот на младинскиот спорт во Европа, откако во СЦ „Јане Сандански“ вечерва и официјално беше отворен Европскиот младински олимписки фестивал.
На најголемиот спортски настан кој се организира во нашата земја ќе учествуваат преку 4.000 спортисти од преку 50 држави, како и околу 2.000 официјални лица, тренери, судии и членови на делегации. За организацијата на ЕМОФ се ангажирани и 800 волонтери.
„Почитувани млади спортисти од сите европски краишта, почитувани гости и драги пријатели, голема е честа да се биде земја-домаќин на Летниот Европски младински фестивал на кои се собраа спортисти кои ја манифестираат убавата страна на сегашноста и ја најавуваат светлата иднина на европскиот спорт. Ова е врвен спортски чин, симбол на младост и на витештво во натпреварувањето, креатор на европски културен и спортски дијалог. Храбро го прифативме предизвикот да го организираме овој настан, посакувам да ја оправдаме укажаната доверба, верувам дека како држава уште еднаш ќе покажеме дека сме добри домаќини и дека имаме публика што знае да бодри и да наградува.“ – рече претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска – Давкова, која свечено ги отвори Игрите во Скопје.