Олимпијакос ѝ стави крај на серијата од осум победи на Реал Мадрид откако во Пиреа грчкиот состав славеше со 88:83. Предводен од одличниот Василис Спанулис, Олимпијакос го „спушти на земја“ европскиот првак.
Шутерски расположени, кошаркарите на Олимпијакос на паузата заминаа со сигурни 11 поени предност (52:41). „Кралевите“ во обид да се вратат резултатски, пред крајот на третиот период стигнаа до израмнување на 65:65, а Грците во решавачката четвртина повторно стигнаа до двоцифрена предност само на три минути до крајот на средбата. Сепак, залудни беа напорите на гостите во финишот, а првиот пораз сезонава беше неизбежен.
Спанулис реализираше пет тројки од шест обиди, заврши со 20 поени и три асистенции, додека најефикасен со 23 поени беше Вилијамс-Гос. Во составот на Пабло Ласо, најефикасен кошаркар се истакна Џејси Керол со 16 поени, а 14 додаде Кампацо.
Кон средината на втората четвртина, Спанулис нанижа три тројки за 46 секунди, момент кој можеби беше одлучувачки за Реал да го претрпи првиот пораз.
Претходно, во дуелот на турските екипи, Анадолу Ефес ја запиша седмата овосезонска победа со триумфот над Дарушафака од 93:88.