Ракометниот европски првак Вардар, заедно со првиот фаворит за трофејот во новата сезона, екипата на Пари Сен Жермен, се носители во првиот барабан на денешната ждрепка, која треба да ги даде групите во Лигата на шампиони. Тоа значи дека Вардар и ПСЖ не може да бидат во иста група.
Според правилата на ЕХФ, екипи од иста земја не може да бидат во една група, па тоа значи дека Монпелје сигурно е првиот познат ривал на Вардар, бидејќи францускиот тим никако не може да се падне со ПСЖ. Токму тренерот на ПСЖ, некогашниот стратег на Вардар, Раул Гонзалес, вели дека воопшто не бил изненаден што Вардар на почетокот на месецов по втор пат стана европски првак.
„Тие што добро разбираат ракомет, знаеја дека Вардар е еден од фаворитите за титулата. Тоа е клуб со одлични играчи и тренер и воопшто не бев изненаден што Вардар се радуваше во Келн“, рече Раул.
Ждрепката за групите во ЛШ ќе биде во 18 часот:
Барабан 1: Вардар (Македонија), ПСЖ (Франција).
Барабан 2: Барселона (Шпанија), Веспрем (Унгарија).
Барабан 3: Флензбург (Германија), Келце (Полска).
Барабан 4: Мешков Брест (Белорусија), Алборг (Данска).
Барабан 5: Пик Сегед (Унгарија), Мотор Запорожје (Украина).
Барабан 6: ППД Загреб (Хрватска), Монпелје (Франција)
Барабан 7: Елверум (Норвешка), Порто (Португалија).
Барабан 8: Кил (Германија), Целје (Словенија)
Освен Вардар, во ЛШ сезонава ќе биде и Еурофарм Работник. Битолскиот тим ќе биде во една од групите Ц или Д.