Европските лиги зазедоа став против Јунифај лигата, новото предложено натпреварување организирано од менаџментот на A22 Sports, кое дојде околу три години по неуспешниот и неславен проект на Европската Суперлига.
Пред некој ден во соопштението на А22 објавија дека побарале признавање од ФИФА и УЕФА за формирање ново европско натпреварување, во кое би играле 96 тима од 55 различни земји во Европа и во кое ќе се натпреваруваат во повеќеслоен систем.
Но, здружението наречено Европски лиги, кое го претставуваат над 1.130 клубови од 33 различни земји, вклучително и Серија А, Премиер лигата, Бундеслигата и Лига 1, зазедоа цврст став против воведувањето на ново европско натпреварување.
Европските лиги негираа дека имале какви било консултации во врска со предлозите на Јунифај лигата.
„Европските лиги во врска со соопштението од А22 отфрлаат дека имало какви било консултации со нашата организација“, се вели во соопштението.
„Лигите ја потврдуваат својата посветеност на сегашната професионална фудбалска структура во која клубовите се квалификуваат за клупските натпревари на УЕФА преку годишни домашни настапи. Моделот за натпреварување на А22 би го зголемил бројот на меѓународни натпревари во веќе пренатрупаните календари. Намалувањето на бројот на домашни клубови во лигашките натпреварувања за да се создаде повеќе простор за меѓународни натпревари никогаш нема да биде опција за Асоцијацијата на европските лиги и нејзините членови. Ќе продолжиме да работиме со сите релевантни чинители за да одржиме комплементарен и одржлив баланс помеѓу домашниот и меѓународниот фудбал“, порачаа од Европските лиги.