Враќањето на патеката „Нирбургринг“ во Формула 1 по седум години пауза, не почна најдобро бидејќи денешниот прв слободен тренинг беше откажан поради големо невреме и неможност за полетување на медицинскиот хеликоптер. Најтажен од ваквата ситуација е Мик Шумахер, 21-годишниот германски пилот кој сакаше на патеката на која татко му Михаел победи петпати и по кого се крстени две кривини на патеката, да дебитира во Ф1 болид.
Мик требаше да вози за Алфа Ромео рејсинг на првиот петочен тренинг, а бидејќи тој е откажан, младиот Шумахер кој годинава се бори за титула во Формула 2 шампионатот, ќе мора да чека друга прилика за Ф1 деби.
Силниот дожд предизвика поплава, имаше и магла, па беше одлучено да се одложи првиот тренинг од Гран-прито на Ајфел, како што е крстена трката.
Од Вилијамс се пошегуваа, па во еден вир ставија да плови пластична патка со нивното лого.