Формула 1 тимот на Ред Бул му даде отказ на возачот Даниел Рикијардо, па на негово место до крајот на сезоната ќе настапува Лијам Лосон.
По минатонеделната трка во Сингапур, се појавија шпекулации дека австралискиот возач ќе добие отказ од тимот на Ред Бул, што тој и самиот го потврди.
Триесет и петгодишниот Рикијардо би можело да ја заврши кариерата во Формула 1, во која оствари осум победи на 257 трки во 14 сезони.
Тој преку објава на „Инстаграм“ извести дека го напушта спортот.
„Го сакав овој спорт целиот мој живот. Див е и прекрасен, какво само патување беше ова. На тимовите и поединците со кои работев, ви благодарам. На навивачите кои понекогаш го сакаат спортот повеќе од мене, ха-ха, ви благодарам. Секогаш има подеми и падови, но беше забавно и не би променил ништо до следната авантура“, истакна Рикијардо.
Лосон возеше за Ред Бул пет трки минатата сезона, кога Рикијардо се повреди и има шанса да се докаже и да избори место во тимот за следната година.
„Сите во тимот на Ред Бул би сакале да му се заблагодарат на Даниел за неговата напорна работа во последните две сезони. Тој донесе многу искуство и талент во тимот заедно со фантастичен став, кој им помогна на сите да се развијат и да негуваат силен тимски дух. Даниел беше вистински џентлемен на патеката и надвор од неа, никогаш без насмевка на неговото лице и тој секогаш ќе има посебно место во семејството на Ред Бул“, рече директорот на тимот на Ред Бул, Лоран Макис.
Тој му посака добредојде на Лосон, за кого рече дека добро го познава тимот и добро се снајде во тешки околности минатата сезона.
„Прекрасно е да се види млад талентиран возач од Ред Бул како прави нов чекор. Со нетрпение очекуваме да работиме до крајот на сезоната“, додаде тој.