За некого можеби очекувано, за некого можеби не, но Герет Саутгејт денес си поднесе оставка од селекторската функција на репрезентацијата на Англија. Саутгејт си заминува по осум години, 102 натпревари и 61 победа, но и две загубени финалиња на европските првенства.
„Од името на англискиот фудбал, сакам да им оддадам почит на Герет Саутгејт и неговиот помошник Стив Холанд за сè што постигнаа. Во текот на последните осум години ја трансформираа англиската репрезентација и ни приредија незаборавни моменти на сите кои ги сакаме „трите лава“. Гледајќи наназад во мандатот на Герет, неговиот придонес во развојот на играчите, промената на културата на нашиот фудбал е единствен. Исто така и по рекордниот број победи на големите натпреварувања е единствен“, вели извршниот директор на ФА, Марк Булингам.
Тој се осврна и на резултатите кои ги постигна Англија со Герет Саутгејт на клупата, истакнувајќи дека сите селектори во претходните 50 години заедно немаат резултати како него.
„Откако Англија во 1966 го освои Светското првенство, па сè до Светското првенство во Русија во 2018, кое беше прво големо натпреварување за Герет, Англија победи на само седум нокаут-натпревари. Во своите осум години како селектор, Герет победи на повеќе натпревари на големите натпреварувања отколку сите селектори заедно во претходните 50 години. Бевме во финалето на европските првенства во Лондон и Берлин. Пред Герет, Англија само пет месеци беше во топ-5 репрезентациите во светот. За време на неговиот мандат веќе шест години сме таму. Герет невозможното го направи возможно и постави темели за нови успеси. Горди сме за сè што направи и секогаш ќе му бидеме благодарни. Што се однесува до новиот селектор, има многу шпекулации, но нема да коментирам сè додека не донесеме конечна одлука“, додаде Булингам.