Аргентинскиот стратег Кристијан Фабијани полека се прилагодува на скопските услови. Тренерот кој пред неколку дена пристигна во Македонија, треба да биде официјализиран како нов предводник на Вардар од следната сезона.
Фабијани е Аргентинец кој до пред неколку месеци има работено во тамошниот култен тим Њуелс олд бојс, од каде што првите чекори ги има направено и Лионел Меси. Челниците на Вардар уште за време на зимските подготовки најавија дека Фабијани е еден од главните претенденти за нов стратег, а сега со доаѓањето на Аргентинецот во Скопје, јасно е дека се чека само официјална промоција.
Вардар до крајот на сезонава останува да го води Гоце Седлоски, човекот кој успеа од екипа која пред година и пол се бореше за опстанок, сега да направи тим кој е главен фаворит за освојување на титулата во првенството. Пред нецела година, Седлоски со Вардар се радуваше на трофејот во Купот, но сезонава нема да го одбрани тој примат затоа што Црвено-црните беа елиминирани во четвртфиналето од второлигашот Охрид.
Дека Фабијани одлично се вклопува во нашите услови, потврдува и со неговите постови на социјалните мрежи, а според последното објавено, Аргентинецот очигледно започна и со учење на македонскиот јазик. Неговата порака од утрово е „Среќен петок“.
Вардар, кој е лидер во Првата лига, утре на арената „Тодор Проески“ е домаќин на Македонија Ѓорче Петров, а билети за овој меч може да се купат ТУКА.


