Еден од најпознатите спортски новинари и експерт за фудбалски трансфери, Фабрицио Романо, објави ексклузивна информација дека Фабио Канаваро е прв фаворит за преземање на тренерското место во Динамо Загреб, доколку клубот се раздели со Ненад Бјелица.
Динамо под водство на Бјелица тера добро во Лигата на шампионите, но лошо им оди во домашното првенство.
Канаваро кој беше најдобар фудбалер во светот за 2006 година, последната работа како тренер ја имаше во Удинезе кој го спаси од испаѓање во минатата сезона.
Расплетот во Динамо со интерес го следи и Енис Барди за кого се зборува дека може да се пресели во хрватскиот првак ако остане тренерот Бјелица. Со Канаваро на клупата, се намалуваат шансите на Барди да стане тимски колега со Стефан Ристовски и Аријан Адеми.
Ако Канаваро стане тренер на Модрите, на следното големо хрватско дерби Динамо – Хајдук, би имало надмудрување помеѓу двајца пријатели и екс соиграчи од италијанската репрезентација со која заедно го освоија Мундијалот во 2006 година, Канаваро и Џенаро Гатузо кој го води сплитскиот тим.