Помалку од 48 часа останува до првиот меч на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Хрватска, а освен играчите и стручниот штаб, последните подготовки ги прават и навивачите.
Како и на секое големо натпеварување, македонската навивачка Фаланга ќе биде убав декор на трибините во Вараждин и сигурно ќе даде голема поддршка на сите натпревари на нашата селекција.
Една од најверните навивачки екипи кои секогаш се тука за Македонија е онаа која ја сочинуваат верните другари Зоран, Јованче, Дејан, Гоце, Златко, Јовица, Сашо и Мики. Освен што се верни фанови тие се и верни поддржувачи на македонската традиција, па така секоја година на Василица се собираат и го кршат лепчето, кое беше со македонското сонце.
Оваа година, исто како лани, паричката се падна кај Зоран Наковски, кој секако посака се најдобро за сите, но и успех на македонската ракометна репрезентација на престојниот Мундијал во Вараждин.
Оваа група на верни фанови наскоро ќе отпатува за Вараждин каде треба да биде дел од околу 1.000 македонски навивачи на првиот меч против Унгарија на 15 јануари. Македонија е во група заедно и со Холандија и Гвинеја, а потоа сите очекуваат пласман во втората фаза од натпреварувањето.