Македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Краков никако нема да биде сама. Стандардно, познатата македонска навивачка Фаланга ќе биде присутна во Краков, а трибините ќе бидат „обоени“ во црвено и жолто, како и секогаш кога игра некоја македонска репрезентација на голем настан.
Според прогнозите, околу 800 македонски навивачи ќе ги бодрат нашите ракометари на Мундијалот. Најавено е дека од Македонија ќе има повеќе од 10 автобуси со организиран превоз, а дел од фановите ќе патуваат со автомобили.
Се најавува дека ќе пристигнат навивачи и од западноевропските земји кои редовно ги бодрат македонските репрезентации на големи натпреварувања. Едноставно целата Фаланга ќе се спои во Краков за да ја бодри Македонија на СП во ракомет.
Македонија првиот меч на планетарниот собир ќе го игра в петок, и тоа против големиот фаворит Норвешка. Во нашата група уште се и селекциите на Холандија и на Аргентина.