Фановите на Порто вечер ќе навиваат за својот тим, утре за Динамо Загреб

Екипата на Порто ќе се обиде да го надомести минусот од 1-2 од првиот меч во Рим против Рома и да се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите, а фановите кои вечер ќе се најдат во сини дресови на стадионот „Драгао“, утревечер повторно ќе бодрат еден тим со сини дресови, тоа е Динамо Загреб.

Не дека фановите на Порто многу го сакаат хрватскиот клуб, туку ја мразат Бенфика, нивниот најлут португалски ривал. Секој што игра против Бенфика е страната за којашто навиваат во Порто. Некогаш тие повеќе се радуваат на поразите на Бенфика отколку на победите на Порто.

За да има „рамнотежа“, се погрижија навивачите на сплитскиот Хајдук. Тие се збратимени со навивачите на Бенфика, па за Далматинците нема дилеми дали на утрешниот меч на „Максимир“ да навиваат за своите „побратими“ од Португалија или за ривалите од Загреб. Популарната „Торцида“ на Фејсбук порача: „Пријатели засекогаш, а во четврток прегазете ги пургерите“. За да спречи навивачи на Хајдук да дојдат во Загреб да навиваат за Бенфика, Динамо забрани продажба на билети за хрватски граѓани за трибината наменета за гостинските фанови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести