Ваљадолид пет кола пред крајот на првенството и математички испадна од шпанската Ла Лига по убедливиот пораз од Бетис со 5-1 на гостински терен. Со овој резултат, Ваљадолид стана првиот клуб кој оваа сезона обезбеди враќање во втората лига, бидејќи имаат само 16 освоени бодови по 33 кола, што ги остави дури 18 бодови далеку од зоната на опстанок, со само 15 преостанати бодови во игра.
Тимот освои само еден бод во последните 14 натпревари, додека ги загуби сите последни седум средби. Ваљадолид е воедно и тимот со најмногу примени и најмалку постигнати голови, со што потврди една од најлошите втори полусезони во поновата историја на шпанскиот фудбал.
Ваљадолид во 2018 година го презеде легендарниот поранешен фудбалер Роналдо Назарио, кој тогаш беше спектакуларно пречекан бидејќи се очекуваше напредок, но третото испаѓање во последните пет години е премногу за навивачите на клубот. Тие подготвија голем протест пред саботниот натпревар од првенството против Барселона.
Навивачите испечатија 60.000 лажни банкноти со ликот на Роналдо и главната порака: „Роналдо, оди си дома!“
Банкнотите ќе им бидат поделени на сите гледачи на стадионот, а планот е сите одеднаш да ги фрлат на теренот во 12-тата минута од натпреварот.
По потврдата за испаѓањето, навивачите јасно го изразија своето незадоволство од работата на претседателот Роналдо. За време на натпреварите и на социјалните мрежи сè погласни се барањата за негова оставка, а пораки како „Роналдо, замини и тоа веднаш“ одекнуваа на трибините уште од претходните порази оваа сезона. Навивачите му замеруваат што не успеа да го стабилизира клубот, а продажбата на Крузеиро минатата година само го зајакна впечатокот дека е фокусиран на други проекти, додека Ваљадолид остана без јасна стратегија за опстанок во елитата.
Најновите информации велат дека Роналдо во последните месеци барал потенцијален купувач за клубот, но засега не е познато дали ќе попушти под притисокот на навивачите или ќе се обиде да изгради нов спортски проект во Сегунда. Клубот сега го очекува предизвикувачки период на реконструкција, враќање на довербата кај навивачите и борба за експресно враќање во шпанската фудбалска елита.