ФИФА на ждрепката за Светското првенство се пофали со рекордно брза продажба на билети, а пофалби упати и Доналд Трамп тврдејќи дека картите се продаваат подобро од кога било. Сепак, главна тема меѓу навивачите со месеци не е рекордната побарувачка, туку астрономските цени.
Билетите за Мундијалот 2026 се повеќекратно поскапи од оние за претходниот турнир во Катар. Покрај самиот билет, навивачите мора да сметаат и на дополнителни трошоци, виза, пат, храна и сместување, што ја прави вкупната цена за одење на првенството речиси недостижна за голем дел од обичните љубители на фудбалот.
Поради тоа реагираше здружението „Навивачи на Европа“, кое отворено ја обвинува ФИФА за „изнуда“ и бара итно запирање на продажбата на билетите. Ни британските навивачи не останаа неми. Здружението на навивачите на Англија порачува дека цените се „шлаканица за сите љубители на фудбалот“.
Најголем шок предизвикаа цените на влезниците за финалето на стадионот „Метлајф“ во Њујорк.
Стандардните билети чинат 3.119 фунти (4.185 долари), подобрите места 4.162 фунти (5.560 долари), а најдобрите места за „обични“ навивачи дури 6.615 фунти (8.860 долари). Тоа е седумпати поскапо од финалето во Катар меѓу Аргентина и Франција, кога најевтиниот билет изнесуваше 450 фунти, пренесува „Би-би-си“.
ФИФА овојпат нема предвидено никакви попусти за деца, семејства и ранливи групи.

