Македонската одбојкарска репрезентација по голема борба ја совлада селекцијата на Летонија со 3:2 во сетови, во меч од третото коло во Златната европска лига. Ова е прва победа за нашата репрезентација. Триумфот дава дополнителна тежина ако се знае дека нашите одбојкари беа во негатива од 1:0 во сетови, а потоа и со 2:1, но не се предадоа. На крајот, Македонија славеше со 3:2 во сетови (18:25, 25:19, 20:25, 25:23 и 15:13).
Првиот сет започна израмнето и така беше до 15:15. Потоа Летонија заигра многу подобро и со серија од 7:1 стигна до 22:16, по што беше јасно кој ќе го добие првиот сет.
Нашите одбојкари започнаа многу подигурно во вториот сет и брзо поведоа со 6:1. Потоа беше и 12:4, па со рутинска игра, без многу возбудувања Македонија го доби вториот сет со 25:19 за израмнување на 1:1.
Во третиот сет Македонија водеше со 15:11, па со 17:14 и 18:15, а потоа следи несфатен пад во играта на нашиот тим. Летонија тоа знаеше одлично да го искористи и со неверојатна низа од 10:2, го доби овој сет со 25:20.
Нашите одбојкари немаа опција во четвртиот сет и мораа да го добијат, па повторно тргнаа добро. Поведовме со 7:3, а потоа беше и 10:7. Летонија се врати во игра и поведе со 15:13, а потоа следуваа четири поени во низа за Македонија. Од тој момент до крајот беше неизвесно, но Македонија ја одржа предноста и го доби сетот со 25:23.
Решавачкиот петти сет добро започна за Македонија, со водство од 2:0, но потоа имаше и 5:4. Следуваше низа од три поени на Летонија за преземање на водството од 7:5. оваа предност Летонија ја имаше и на 10:8.
Потоа следуваше блесок на Љафтов, кој одлично сервираше па Македонија го презема водството со 11:10, а потоа стигнавме и до 13:11, а потоа и до 14:12. Дури пет меч топки Македонија имаше, но не успеа да ги освои. По 17:17, следуваше водство на Летонија од 18:17, но потоа и домаќините пропуштија пет меч топки.
По 22:22, Савовски имаше добар сервис за 23:22, а потоа Љафтов имаше „пенал“ за победа, но смечуваше во аут. Никола Ѓорѓиев донесе нов поен, за на крајот Македонија да го добие мечот со 25:23.