Славија Прага и Бенфика усепаја по дополнителните 30 минути да се пласираат во четвртфиналето во Лигата на Европа откако ги елиминираа Севилја и Динамо Загреб.
Невиден меч се одигра во Прага, а Славија приреди подвиг и со победа од 4-3 по продолженија го исфрли од игра најтрофејниот клуб во Лигата на Европа.
Севилја има пет трофеи, но Славија не ги респектираше многу и во трилер-меч успеа да мине понатаму. Во регуларниот дел од реваншот беше 2-2, исто како и на дуелот во Севилја, па се играа продолженија двапати по 15 минути.
Севилја поведе со 3-2 и кога се чинеше дека сè е готово, фудбалерите на Славија се вратија од работ на бездната и со два гола го елиминираа големиот фаворит.
Ван Бурен и Траоре во 102-рата и во 119-тата минута направија комплетен пресврт за огромна радост на домаќините.
Продолженија имаше и во Лисабон, а Бенфика доминираше во дополнителното време и победи со 3-0 против Динамо Загреб.
Домаќините најпрво со голот на Жонас во регуларниот дел ја анулираа негативата од 0-1, а потоа во продолженијата со головите на Феро и на Грималдо славеа победа за пласман во четвртфиналето.