Новак Ѓоковиќ се пласира во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија откако во мегапресметката против Карлос Алкарас победи со 3:1 во сетови. Со оваа победа Ѓоковиќ си обезбеди дуел против Александер Зверев и го продолжува атакот на својата 11-та титула на Отвореното првенство на Австралија, а вкупно 25-та во кариерата.
Победата на Ѓоковиќ е уште повредна затоа што успеа да се врати откако губеше со 0:1 во сетови. Алкарас добро започна и го доби првиот сет со 6:4. Во вториот сет Ѓоковиќ поведе со 3:0 во гемови, но Алкарас се врати и стигна до 4:4. Србинот потоа поведе со 5:4, па направи и клучен брејк за 6:4.
Во третиот сет Ѓоковиќ водеше со 4:2, Алкарас го врати брејкот, но потоа Србинот повторно доби гем на сервис на противникот за 5:3 и рутински стигна до 6:3.
Клучниот момент од последниот, четврти сет се случи на стартот. Ѓоковиќ направи брејк, потоа поведе со 2:0 и до крајот беше сигурен на свој сервис и го доби овој сет со 6:4.