Ракометната репрезентација на Фарски острови конечно пристигна во Скопје, но тоа се случи доцна вечерва, па тие нема да тренираат пред утрешниот важен меч против Македонија во баражот за пласман на СП 2025.
Цел еден ден Фараните чекаа по аеродроми и хотел, па мораа прво да слетаат во Данска и оттаму да заминат кон Скопје. Репрезентацијата на Фарски Острови немаа друг избор освен да дојдат со чартер лет од данскиот град Билунд до Скопје и тоа со мало британско авионче.
Натпреварот меѓу Македонија и Фарски Острови се игра утре од 19 часот во „Борис Трајковски“. Фараните веројатно утре ќе одржат полесен тренинг колку да се запознаат со условите во салата, но дефинитивно ќе бидат разнишани поради заморот и непланираните промени на планот околу патувањето.