Баерн Минхен осум години по ред е првак на Германија, доминацијата ја потврди и сезонава, а тренерот на Борусија Дортмунд, Лусиен Фавр, смета дека неговиот клуб заостанува според буџетот и тоа е клучно што не може посериозно да ги загрозат баварците.
„Ние ќе продолжиме да си поставуваме високи цели, но мора да бидеме и реални. Не сакам да се вадам на фактот дека Баерн за засилувања има буџет кој е поголем од нашиот за околу 150 милиони евра, но не смееме ниту да ги затвораме очите пред тој податок“ – изјави Швајцарецот Фавр чиј тим заврши на второ место, и горд е на постигнатото.
„Бевме блиску. Не смееме да заборавиме дека Баерн во вториот дел од сезоната одигра најдобро во нивната клупска историја. Се виде напредок кај Борусија Менхенгладбах, Лајпциг и Баер Леверкузен. Не се подразбираше дека ќе бидеме втори, си го заработивме тоа место“ – додава Фавр кој има договор за уште една сезона.