ФБИ рано утрово го уапси кошаркарот на Мајами хит, Тери Розие, и тренерот на Портланд трејлблејзерс, Чонси Билапс, во рамки на федерална истрага за нелегално спортско обложување.
Апсењата се случиле само еден ден по поразот на Мајами во првото коло од новата сезона против Орландо меџик, натпревар на кој Розие не настапи.
Билапс, кој го водеше својот тим во средата при поразот од Минесота тимбервулвс, е уапсен поради истата истрага, но случајот не е поврзан со натпреварите што тој ги водел од клупата. Засега не е познато што точно открила федералната истрага што доведе до апсењето на членот на Куќата на славните.
Легендарниот кошаркар ќе се појави пред истражен суд во Орегон, каде треба да се изјасни за вината.