Спортинг го загуби првиот дуел од полуфиналето во Португалскиот куп против Бенфика, но можеше да го има во составот Стефан Ристовски.
На три часа пред почетокот на првиот полуфинален дуел од Португалскиот куп, вчера на стадионот на Бенфика, во таборот на Спортинг пристигнала информација дека Ристовски може да игра. Казната од два меча за црвениот картон против Сетубал му беше намалена само на еден натпревар пауза, тој веќе ја „одлежа“ казната во првенствениот дуел со Бенфика и вчера можеше да игра.
„Веќе беше доцна. Само на три часа пред дуелот дознавме дека Ристовски може да игра. Но, тој не беше на поширокиот список што го објавив еден ден пред натпреварот, па немавме можност да реагираме. Имаме добар резултат од првиот меч и ќе се обидеме во реваншот да ја анулираме негативата од 1-2 и да се пласираме во финалето“, изјави Марсел Кајзер, тренерот на Спортинг.
Дисциплинската комисија во Фудбалската федерација на Португалија првично го казни Ристовски со два меча по директниот црвен картон на нашиот репрезентативец на дуелот со Сетубал. Потоа одлучија да му ја преполоват казната, но веќе беше доцна за реакција од Спортинг и евентуално вклучување во составот за дуелот со Бенфика.
Стефан ќе може да игра за Спортинг од следниот дуел со Феиренсе за три дена, а секако ќе биде во комбинација и за реваншот со Бенфика на трети април.