26.8 C
Skopje
четврток, 24 јули 2025

Федерер откако замина во пензија, стана многу побогат

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер веќе неколку години е во спортска пензија, но останува тесно поврзан со светот на професионалниот спорт, и тоа преку компанија во која мудро инвестираше и која денес е негов главен извор на приход.

Швајцарецот заработи околу 130 милиони американски долари за време на својата играчка кариера, а знаеше како мудро да ги инвестира кога сфати дека повеќе не може да игра против најдобрите.

Во текот на 2019 година, Роџер Федерер одлучи да инвестира дел од своите заработени пари во компанија која произведува спортска облека и обувки. Секако, тие се специјализирани за тенис, нивното лого често може да се види на најголемите светски турнири, а компанијата носи и огромен приход за Швајцарецот, кој веќе неколку години ужива во пензија.

Се претпоставува дека Роџер Федерер има околу 3 проценти удел во сопственичката структура на компанијата, која е основана во 2010 година, а која доби светска популарност токму во годините кога познатиот спортист одлучи да инвестира во неа. Меѓу основачите е и Оливер Бернхард, швајцарскиот „Ајронмен“ кој развивал сосема нова технологија за производство на спортска опрема, но „Најки“, со којшто соработувал во тоа време, не сакал да лансира нов проект.

Компанијата „On“ со седиште во Цирих неодамна ги објави своите деловни достигнувања за 2024 година. Само за една година компанијата во која Роџер Федерер некогаш инвестираше, оствари приходи од 2,42 милијарди евра! Исто така, беше објавено дека во изминатата година акциите пораснале за околу 41 процент, надминувајќи ги клучните конкуренти како што се „Најки“ и „Адидас“.

Компанијата очекува стапката на раст да биде посилна во првата половина од 2025 година, најмногу поради патиките за трчање Cloudsurfer 2, кои чинат 150 евра, и малку помодерните патики за секојдневна употреба Cloud 6, кои чинат 140 евра. За големиот успех на компанијата придонесоа и патиките „Роџер“, кои се појавија во ограничен број во 2020 година, додека Федерер беше активен во светот на тенисот.

- Оглас -

Најнови вести