Федерер победи и постави нов рекорд на Вимблдон

Роџер Федерер се пласира во четвртфиналето на Вимблдон откако со 3:0 во сетови го победи Лоренцо Сонего. Со оваа победа, Федерер со 39 години и 337 дена стана најстариот тенисер кој успеал да се пласира од четвртфиналето на Вимблдон.

Уште еден подвиг на Швајцарецот е тоа што ова за него е 18-то учество меѓу најдобрите осуммина тенисери на гренслемот кој го има приматот за неофицијално светско тениско првенство. Федерер има и рекордни осум титули на Вимблдон.

На дуелот против Сонего, Федерер во првиот сет водеше со 5:4 и сервираше за освојување на сетот, но Италијанецот направи брејк за дополнителна неизвесност. Сепак, Федерер веднаш направи рибрејк и потоа го доби сетот со 7:5. Во вториот сет, фаворитот направи само еден брејк и тоа беше доволно за да го добие сетот со 6:4. Третиот сет беше само формалност затоа што Федерер поведе со 4:0 и на крајот лесно го доби со 6:2.

Во четвртфиналето ќе го нема шестиот носител Александар Зверев, кој загуби во пет сета од Феликс Аугер од Канада. Данил Медведер својот меч ќе го доигра утре, откако дуелот против Хуркач од Полска беше прекинат во четвртиот сет при водство на фаворитот од 2:1 во сетови.

 

- Оглас -

Најнови вести