Овој летен преоден рок се најавуваше дека Федерико Кјеза ќе го напушти Ливерпул само по една сезона и ќе се врати во Италија, но ситуацијата изгледа се променила. Италијанскиот репрезентативец ќе остане на „Енфилд“ и во новата сезона ќе го носи дресот на Црвените.
Кјеза не би имал ништо против трансфер назад во Серија А, особено по разочарувачката сезона 2024/25, во која одигра само 14 натпревари за англискиот шампион. Поради малата минутажа, дури побарал и заминување. Во прв момент Ливерпул беше подготвен да го пушти, но плановите се сменија.
Како што пренесува „Газета дело спорт“, раководството на клубот и менаџерот Арне Слот му соопштиле на Кјеза дека ќе остане во тимот за сезоната 2025/26. Продажбата на Дарвин Нуњез во Ал-Хилал и на Луис Дијас во Баерн Минхен, како и трагичната смрт на Диого Жота во сообраќајна несреќа, ги натерале Црвените да заклучат дека не можат да си дозволат да изгубат уште еден офанзивец.
Кјеза ја прифатил одлуката и е подготвен повторно да се бори за место во тимот. Од доаѓањето во Ливерпул, успеа да постигне два гола и да запише две асистенции.