Кошаркарите на Фенербахче со 88:74 ја победија Барселона во меч од 30-тото коло на Евролигата и само дополнително ја вжештија борбата за второто место на табелата. Со овој триумф Фенербахче сега е на третото место со 19 победи и 11 порази, а Барселона е втора со 20 триумфи и 10 неуспеси. Со реални шанси за второто место се и Монако и Панатинаикос.
Во Истанбул, Фенербахче доминираше во првото полувреме против Барселона и во еден момент водеше дури и со 25 разлика (40:15), а на полувреме замина со 21 поен предност (46:25). Барселона успеа да се врати и да намали само на три негатива (62:59), но каталонскиот гигант сепак немаше сили за целосен пресврт.
Црвена ѕвезда иако играше на домашен терен, немаше сили да му парира на Панатинаикос, па на крајот гостите славеа со 89:76. За првакот на Србија ова беше шести пораз по ред во Евролигата и ги загуби сите шанси дека може да се бори за место вo плејофот.
Убедлив на домашен терен беше и тимот на Милано, кој славеше со 98:80 кај Монако.