Фенербахче го врати Ерсун Јанал на кормилото и повторно истиот стратег има тешка задача во незгоден момент да го гаси пожарот кај турскиот гигант.
Јанал потпиша 18-месечен договор со Фенербахче, доаѓа како замена за Ервин Куман, по што завршува холандскиот мини-серијал на тренери кај клубот од Истанбул. Пред Куман, тренер на Елиф Елмас му беше Филип Коку, но и тој беше сменет.
Јанал еднаш веќе беше на кормилото на најтрофејниот турски фудбалски клуб и имаше успешна мисија, па од него сега повторно се очекува да го врати клубот на победничките патеки.
Во сезоната 2013/14 тој успеа да го донесе Фенер до титулата во турското првенство, во дебито како кормилар на гигантот, а во Европа беше елиминиран од Арсенал во последното квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите. Јанал дојде како тренер на Фенер во ситуација кога клубот беше казнет со двегодишна суспензија од УЕФА поради местење натпревари.
Сега повторно е на жешката клупа, а прва задача е Фенербахче да побегне од зоната за испаѓање. Само со 14 бода во 15 кола, Елмас и соиграчите се наоѓаат на претпоследното место во турскиот шампионат, но во Лигата на Европа успеаја да стигнат до нокаут-фазата, што е добра подлога за добар камбек на Јанал.