Турскиот гигант Фенербахче се подготвува за дуелот против Лудогорец во рамките од третото коло во Конференциската лига на УЕФА, а мотивот кај домаќините е огромен. Фенербахче е клубот кој сезонава ја игра перфектно како ниту еден друг клуб на светот во моментов. Во 17 одиграни натпревари во сите натпреварувања, Фенербахче има исто толку победи.
Сезоната започна со квалификациите во Конференциската лига на УЕФА, каде што одигра шест натпревари и со перфектни шест победи се пласира во групната фаза, каде што во првите две кола исто така победуваше.
Во првенството на Турција, Фенербахче одигра девет средби и има максимални 27 бода со гол-разлика од 24 дадени и само пет примени гола. Утревечер Фенербахче ќе игра на домашен терен против Лудогорец во обид да стигне до 18-тата радост во низа. Доколку триумфира и против бугарскиот тим, Фенербахче ќе биде чекор поблиску до стигнување на светскиот рекорд на бразилскиот клуб Коритиба, кој имаше 24 победи во низа и со тоа се запиша во Гинисовата книга на рекорди.
Кога се работи за клуб со најмногу мечеви без пораз, мисијата е речиси невозможна затоа што романската Стеауа одигра 103 натпревари по ред без да загуби во периодот од 1986 до 1989 година.