Фенербахче на тронот во Евролигата

Кошаркарите на Фенербахче го освоија трофејот во Евролигата, откако во финалето го совлада Монако со 81-70 во „Етихад Арена“ во Абу Даби. Ова е втора титула првак на Европа во историјата на турскиот клуб.

Херојот на вечерта беше Марко Гудуриќ, кој блескаше во второто полувреме со три тројки, од кои последната на самиот влез во последната минута – токму кога беше најпотребно. Српскиот репрезентативец го заврши мечот со 19 поени, шест скокови, две украдени топки и индекс на успешност од дури 27.

Најефикасен во редовите на Фенербахче беше Хејс-Дејвис со 20 поени, а Хол и Болдвин додадоа по 13. Кај Монако, Алфа Дијало постигна 19, а Мајк Џејмс 15 поени.

Мечот започна подобро за Монако, кој поведе со 11-4 по тројката на Џејмс. Играчите на Шарунас Јасикевичиус имаа потешкотии во нападот, но се вратија во игра благодарение на Хол и Хејс-Дејвис. Првата четвртина заврши со тесна предност на Монако, 20-18.

Вториот период започна со тројка на Болдвин, но Монако возврати со серија од 7-0. Гудуриќ ја прекина лошата серија, а Мели и Хејс-Дејвис го одржуваа Фенер во игра. Со офанзивен скок и поени на Хол, турскиот тим го презеде водството пред паузата.

На почетокот од третата четвртина, Гудуриќ погоди тројка од преку осум метри во последната секунда на нападот, со што Фенер поведе со 38-33. Следуваше период во кој Монако се мачеше да погоди, додека Хол и Хејс-Дејвис продолжија со сигурната игра. Монако успеа кратко да израмни, но нова тројка на Гудуриќ и тројка на Болдвин го вратија Фенер во водство пред последната четвртина, 59-56.

Во завршницата, токму Гудуриќ со тројка и офанзивен скок донесе +10, а Хол погоди за 68-57 на три и пол минути до крајот. Монако се обиде да се врати, но Гудуриќ ја стави точката со нова тројка на влезот во последната минута, 74-64.

- Оглас -

Најнови вести