Феникс му покажа на МЗТ Скопје Аеродром како се игра со срце и затоа го победи шампионот

Екипата на Феникс направи пријатно изненадување и славеше со 73:69 против актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром во дуел од 18 коло на Прва лига.

Феникс на неверојатно добар начин го започна мечот и поведе со нестварни 20:2, а по првата четвртина овој тим водеше со 15 разлика (22:7). Во текот на целата втора четвртина Феникс не само што ја чуваше двоцифрената предност, туку пред крајот на полувремето стигна и до највисоки 20 поени предност (37:17).

Во третата четвртина МЗТ почна да се „буди“ кога од негатива 49:35, со серија од 13:0 стигна до 49:48. На почетокот на последната четвртина МЗТ прв пат успеа и да води и тоа со највисоки 57:53, но Феникс не се предаде.

Беше 58:58, а потоа и 65:65 на три минути до крајот, но кога се очекуваше шампионот да покаже квалитет, домашниот тим на Феникс одигра храбро и со срце и со серија од 6:0 стигна до 71:65 на само 30 секунди до крајот.

За разлика од изненадениот МЗТ, Работнички немаше никакви проблеми, па лесно и убедливо славеше над ФМП Академија со 99:52.

На табелата, МЗТ Скопј Аеродром и Работнички имаат идентичен скор со 14 победи и четири порази, а Чаир е трет со 13 победи и пет порази. Потоа следуваат Еуроникел (12 победи и 6 порази), Пелистер (12-6), ТФТ Скопје (12-6), Феникс (11-7), Гостивар (5-13), Кожув (4-14), Охрид (4-14), ФМП Академија (4-14) и Вардар (3-15).

- Оглас -

Најнови вести