Феникс со „метла“ за Денвер, Јокиќ збесна и сакаше да се тепа, па беше исклучен (Видео)

Феникс санс покажа доминација во дуелите со Денвер нагетс и со четвртата победа во исто толку дуели експресно се пласира во финалето на Западната конкуренција од НБА-плејофот. Сонцата од Феникс блеснаа и на теренот на противникот, а во последниот меч само се покажа колку е Денвер немоќен.

Домаќините беа во ситуација да мора да победат за да останат во плејофот, но освен водството од 2:0 на стартот од средбата, во ниту еден момент потоа не успеаја да имаат предност. Феникс брзо стигна до 20:10, а потоа константно го одржуваше водството.

Денвер стигна до 70:71, но гостите тогаш повторно заиграа многу подобро и за кратко време беше 96:80. Во овој дел од играта се случи и клучниот момент. На четири минути од крајот од третата четвртина, при водство на гостите од 83:75, првата ѕвезда на Денвер, Никола Јокиќ, збесна.

По едно негово промашување, играчот кој беше прогласен за МВП на сезоната, нервозно, намерно удри еден противнички играч, а потоа настана мешаница и продолжи со нервозното однесување сакајќи да се тепа со Букер. За среќа, останатите играчи брзо реагираа и не дозволија да се случи поголем инцидент.

За овој потег, Јокиќ доби исклучување и тука беше крајот на сите надежи дека Денвер ќе успее да се врати во игра. Крис Пол и Букер беа незадржливи кај Феникс и заедно постигнаа 71 поен. Јокиќ за 28 минути поминати на теренот даде 22 поени и имаше 11 скока за Денвер.

Милвоки израмни на 2:2 во серијата против Бруклин, откако Бакси на свој терен победија со 107:96.

 

- Оглас -

Најнови вести