Феномен: Одбраната на Ренџерс даде повеќе гола отколку што прими

Ренџерс во сабота го игра последниот лигашки дуел за сезонава, на „Иброкс“ го пречекува Абердин во меч кој ќе биде формален и за двете екипи. Тимот на Стивен Џерард пред извесно време ја обезбеди рекордната 55-та титула во Шкотска до која стигна по пауза од една деценија.

Начинот на кој Ренџерс стана шампион по 10-годишниот пост е импресивен. Во досега 37 натпревари победи на 31, шестпати ремизираше, а гол-разликата е 88:13. Точно така, само 13 примени погодоци во целата сезона, учинок кој не може да се забележи никаде во фудбалска Европа.

Уште поимпресивен е фактот што одбраната на Ренџерс сезонава постигна дури 17 погодоци, што е за четири повеќе отколку што дозволи во својата мрежа. Од тие 17 гола, дури 11 се во режија на десниот бек и капитен на екипата, Џејмс Таверниер, кој воедно досега забележа и 10 асистенции во 29 лигашки настапи. По Таверниер, втор најефикасен дефанзивец е заменикот капитен Конор Голдсон со четири гола, по еден имаат Хеландер и Баришиќ.

Задутре овој учинок може да се подобри, односно со чиста мрежа да се комплетира фантастичната сезона која Ренџерс ја остава зад себе и ќе се памети долго време.

- Оглас -

Најнови вести