4.8 C
Skopje
понеделник, 1 декември 2025

Феноменот Жељко Обрадовиќ

Има работи што може да ги видите само на Балканот, останатите не можат да го разберат нашиот необичен менталитет, па затоа и светот е во шок поради она што се случуваше деновиве во Белград поврзано со оставката на Жељко Обрадовиќ како тренер на кошаркарскиот клуб Партизан.

Како може да се слави како херој човек што има лоши резултати? Дали Жељко Обрадовиќ е поголем од клубот? Како може да не му се прифати оставка, со сила ли ќе го држат? Ова се дел од прашањата кои сите си ги поставуваа.

Црно-белите имаат доста скап тим исполнет со странци, но не ги оправдуваат вложувањата и очекувањата. Имаат само 4 победи на 13 меча во Евролигата, три порази по ред, едниот од најслабата екипа, а последниот од Панатинаикос во Атина од 23 поени разлика ја прели чашата кај тренерот Обрадовиќ и тој си поднесе оставка.

Му прекипе на човекот кој има дури девет европски титули и никогаш не бил избркан од некој клуб, ниту некогаш си заминал среде сезона. Чачанецот четири и пол години беше столбот врз кој се градеше тимот, подобар тренер од него не може да има. Но, Партизан не стигна до фајнал-фор под негово водство во овој мандат, а во последно време популарниот Жоц ја загубил и контролата врз соблекувалната. Се жалеше дека има играчи кои не го слушаат, дека пред меч само си гледаат во телефоните, итн.

Даде оставка, а потоа дојде нов шок, клубот не му ја прифати и го молеа да остане, макар и да го сменат целиот тим, што не е реално на прагот на декември. Па Обрадовиќ се врати во Белград, каде на аеродромот го пречекаа илјадници фанови кои му дадоа силна поддршка и бараа да остане.

Но, по ден-два откако се смирија емоциите, стана јасно дека тој е решен да си оди, невозможно е да остане да работи со некои од играчите кои сепак сам ги бираше и тука е неговиот дел од одговорноста.

Партизан е клуб со неверојатна армија навивачи, а според нив,  големиот Жељко мораше да остане, во моментов незамисливо им е некој друг да седи на клупата. Стравот е оправдан, со нов тренер резултатите може да бидат полоши, а и некои играчи најавија заминување ако си оди Обрадовиќ.

Што се однесува до македонската кошарка, дуелите со Азербејџан и Република Ирска покажаа дека не ни е местото на европското дно, но што да правиме кога летоска бевме некомплетни и сега ја плаќаме цената. Патот до Евробаскетот 2029 ќе биде мноооогу долг и со многу пречки. Но, и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. Ќе мора да бидеме трпеливи и да се надеваме дека составот во сите циклуси ќе биде комплетен со играчи кои се во форма.

- Оглас -

Најнови вести