Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус денеска го именува Џанлука Фереро за нов претседател на Старата дама. Фереро доаѓа на местото на Андреа Ањели, кој кон крајот на ноември минатата година си поднесе оставка бидејќи е цел на истрага на торинското обвинителство за финансиски малверзации.
Покрај Ањели, оставки си поднесоа и потпретседателот Павел Недвед, како и комплетниот Управен одбор.
Фереро (60) беше единствениот кандидат избран од „Ексор“, холдингот на семејството Ањели, кое управува со најтрофејниот италијански тим (36 титули во Серија А).
„Денеска со голема гордост и многу емоции ја преземам оваа функција. Сакам да им се заблагодарам на моите претходници, многу од нив се дел од мојот живот долго време. Сакам да му се заблагодарам на Андреа Ањели, се надевам дека ќе бидам на висината на задачата што е пред сите нас и ќе ја извршувам на начин на којшто овој клуб заслужува.
L'Assemblea degli Azionisti del 18 gennaio 2023
— JuventusFC (@juventusfc) January 18, 2023
Прво, мислам на навивачите кои отсекогаш биле силата на овој тим и клуб. Разговарав со некои од нив, слушнав какви се нивните сомнежи и стравови. Сакам да бидам јасен, кога ја прифатив оваа работа, тоа го направив со цел да му го дадам само најдоброто на Јувентус.
Ќе работиме иднината на клубот да биде пропорционална со неговото славно минато. Ова е најголемиот клуб во италијанскиот фудбал. Како што знаете, нè очекуваат бројни предизвици. Но, веруваме дека имаме искуство и решителност да го браниме Јувентус. Ќе го направиме тоа одлучно, мирно и без ароганција. Ќе ги почитуваме сите, но и ќе бараме почит од сите“, изјави Фереро.
Новото раководство ќе има задача да ја стабилизира финансиската состојба на Јувентус, кој во 2022 година беше во минус од повеќе од 200 милиони евра. Исто така, цел на Фереро е да ја врати титулата во Торино откако во последните две сезони титулите ги освојуваа тимовите од Милано, Интер и Милан.