Легендарните тренери, сер Алекс Фергусон и Арсен Венгер денеска и официјално се нови членови на Куќата на славните на Премиер лигата.
Од формирањето на Премиер лигата во 1992 година, двајцата тренери освоија 16 шампионски титули, Фергусон со Манчестер јунајтед дури 13 пати беше шампион, а Венгер со Арсенал трипати. Токму Фергусон е најтрофеен тренер во Премиер лигата.
За време на 27 години на клупата на Манчестер јунајтед (од 1986 до 2013 година), Фергусон победи во првото издание на Премиер лигата во сезоната 1992/93, и тоа беше прва титула за Црвените ѓаволи од 1967 година.
Шестмина играчи чиј тренер е Шкотланѓанецот се во Куќата на славните во Премиер лигата, а тоа се Дејвид Бекам, Ерик Кантона, Рој Кин, Вејн Руни, Питер Шмајхел и Пол Сколс.
На 810 натпревари во Премиер лигата, Фергусон оствари рекордни 528 победи, а 11 пати беше прогласен за тренер на годината.
„Пресреќен сум што влегов во Куќата на славните на Премиер лигата. Чест е кога добивате вакво признание. Сепак, не се работи само за мене. Се работи за работата во Јунајтед и врската што ја имавме долги години, така што јас сум горд на клубот, стручниот штаб и играчите“, изјави Фергусон.
Фергусон и Венгер во 1990-тите и 2000-тите години развија едно од најголемите ривалства во Премиер лигата, кое траеше сè до 2013 година, кога Шкотланѓанецот одлучи да замине во пензија.
Венгер остана на клупата на Арсенал до 2018 година, по што замина во пензија и сега е прв човек на комитетот на ФИФА за развој на фудбалот.
Арсен Венгер го водеше Арсенал 22 сезони, што е рекорд во Премиер лигата, а испиша историја во сезоната 2003/04, кога без пораз го предводеше тимот до титулата.
Топчиите ги предводеше рекордни 828 натпревари во Премиер лигата, остварувајќи 476 победи. Наградата за најдобар тренер ја доби во 1998, 2002 и 2004 година.
„Би сакал да бидам познат како некој што го сакаше Арсенал, кој ја почитуваше вредноста на клубот и го остави на позиција каде што може да расте и да стане уште поголем“, изјави Венгер.
Two legends who helped define the Premier League.
Sir Alex Ferguson and Arsene Wenger are the first two inductees of the 2023 #PLHallOfFame pic.twitter.com/fwgwtst5c3
— Premier League (@premierleague) March 29, 2023